Главно мени
Дома Колумни Колумни на нашите посетители Зошто некој така кажал


Знаеш дека си од Македонија кога реченицата - Македонска работа ја употребуваш и за луѓе кои не се македонци, ниту пак ситуацијата има некаква врска со националноста, а уште помалку со работата. Ја имаш кажано најмалку на три различни места и пред различни луѓе, а да биде иронијата поголема и тие добро те сфатиле иако незнаеле на што точно се однесува кажаното.

И јас сум од Македонија да не речам горда македонка на македонската работа. И Мисирков убаво кажал-„За македонските работи” без разлика на тоа кој како ги сфатил.

Едноставно менталитетот на нашето општество со текот на годините се има некаде изгубено. Слушам дека некои тоа го нарекуваат транзиција а јас едноставно го кажувам како губење на човечкото. Можеби и не е изгубено, туку соодветно заменето со најразлични лесно попримени навики, ставови и мислења, наметнато темпо од телевизија, весник или друго електронско гласило.

Ако истите ние се осудуваме да плукнеме на она што навистина сме, тогаш сигурно и јас би се осудила да плукнам на истите лаги и наметнати животни ставови. Ние и никогаш не сме биле губитници.Ние и никогаш не сме се предале. И во невозможното се наоѓале јунаци кои верувале во својата крв. Денес тоа го нема. Не помнам дека некој лидер навистина го водел овој народ како што би доликувало на старите корени, на историјата. Ако погледнам со погледот на предавниците кои секогаш и секаде постоеле можеби би сфатила дека овој народ е изворот на таквите. Но, едноставно тоа би било лага и безкомпромисна борба за изнесување на став кој навистина е само негативна критика.

А има навистина што да се пофали тука. На ниедно друго место, покрај  нечистотијата неможам да го вдишам мирисот на спомените. На ниедно друго место неможам да седнам на маса со толку различни ликови а ретко од нив кои се навистина луѓе. И баш поради спротивноста толку го сакам своето. Ако некој некогаш рекол дека тука се е залудно, дека верувањето за успех е само залудна имагинација и потрошена амбиција го негирам.

Неговото неверување е само негово, не мое, не наше... Ако сите ги спакуваме куферите и заминеме некаде далеку во потрага по нешто, тогаш веќе и нема зошто да се бориме сега за ова што ни се случува тука.

Типичина македонска работа како што кажав на почетокот. Ние толку умееме но, на залудно место и време, со погрешни луѓе.

Сите ние толку многу сакаме да ги промениме нештата но не знаеме од каде да почнеме. Нека биде почетокот со промената на нас самите. Кога ќе се смени македонецот како поединец, кога ќе престане да бара овчар да го води, тогаш целокупната сегашна слика ќе се смени.

Она што ќе остане од македонската работа како реченица ќе се замени со позитивна критика на оние кои знаат што сакаат, прават и бараат.

Па, ако се случи тоа, тогаш нека биде за македонската работа некогаш!

 

Колумна напишана од:

Кочова Елена

 
Статистика
Гледања на содржината : 203518
Присутни гости
Има 2 гости присутни